Sashko Stefanovski Prof. po geografija Kocani, Macedonia

Monday, September 03, 2012

РУЕН / 2012



Маршот беше во организација на планинарските клубови од Ќустендил и Крива Паланка. Започна во раните утрински часови  и до врвот пристигнуваа планинарски групи од правец на рудникот Саса, од Крива Паланка и од Ќустендил. Учество зедоа околу 300 планинари од повеќе градови од Бугарија и од Македонија (Крива Паланка, Кочани, Штип, Делчево, Пехчево, Струмица, Свети Николе и Скопје). Од Кочани на врвот пристигнаа околу 20 планинари, а околу педесетина наши сограѓани пристигнаа со теренски возила и со моторцикли. Времето беше идеално и токму поради тоа планинарите се задржаа на врвот неколку часа што не е вообичаено. Освен традиционалното македонско планинарско гравче со сланина, од страна на бугарските домаќини беше служена и богата скара.Расположението беше подобрено и со настапот на хорот за планинарски песни од Софија на кој му се придружија и многу наши сограѓани.
Целиот настан беше под силно обезбедување од десетина полициски возила од двете држави, специјално дресирани полициски кучиња, како и теренско амбулантно возило од Крива Паланка. За среќа немаше потреба од никаква интервенција.
Следна акција на која ќе учествуваат членовите на ПАОК ,,Осогово,, - Кочани е искачување на Голем Кораб на 09.09.2012.

. . . . . ФОТКИ  . . . . .

Tuesday, August 21, 2012

Меморијален марш


        Нови походи на ПАОК ,,Осогово,, - Кочани


     Во неделата на 19.08.2012г. на падините на планината Плачковица се одржа петтиот по ред  планинарски меморијален марш ,,Спасов Костаке-Цоцо,,. Манифестацијата беше во организација на ПК,,Бел Камен,, - Радовиш и семејството Спасови. Кочанските планинари учествуваа на маршот со 10 претставници.
     Маршот помина во најдобар ред и во  него зедоа учество околу 80 планинари од Радовиш, Кочани, Штип, Струмица, Неготино и Скопје. Стартот беше во 08.30 часот од месноста Џумаја на Н.В. 1400м. Сé се одвиваше според однапред утврдена маршрута и скоро сите учесници успешно ја поминаа дестинацијата до Бел Камен (1707м.) и назад, со вкупна должина од 22км. Одејќи кон својата цел, планинарите не можеа да им одолеат на малините, капините и миризливите лековите билки  кои ги имаше во изобилие и со многу добар квалитет, па планираните 7 часа предвидени за пешачење се продолжија уште за еден час.   
     Уморот од изминатите километри и големите стрмнини со кои изобилува патеката, беше заборавен веднаш по враќањето во планинарскиот дом каде домаќините приредија пригодна забава со музичари од Радовиш и пеачка група во која голем дел од членовите учествуваа во маршот.
      Маршот на Плачковица беше вистински тренинг пред предизвиците кои ги чекаат планинарите во наредните неколку недели од кои поважни се искачувањето на Голем Кораб (2764м.) и Вихрен (2914м.) на планината Пирин. 

Wednesday, April 25, 2012

СВИЛАНОВО, РАЈЧАНИ




По повод патрониот празник, членовите на секцијата ГЕ-ВИ од ОУ,,Никола Карев,, - Кочани излегоа на терен. Тие го посетија Свиланово, место близу селото Рајчани, каде на 27.04.1905 година загинал Никола Карев. Во делегацијата која му оддаде почит на првиот претседател на Крушевската Република освен претставници од училиштето беа и видни гости од градот предводени од градоначалникот на општина Кочани. Секако, пријателите на ГЕВИ ја искористија и оваа можност да пропешачат и подобро ја запознаат прекрасната околина. 


ФОТКИ  

Wednesday, December 07, 2011

ПРИРОДНИ НАУКИ


За најновите активности на часовите по природни науки можете да прочитате ОВДЕ ;)

Monday, November 07, 2011


НАСТАВА ВО ПРИРОДА








На ден 06.11.2011 година членовите на секцијата ГЕОГРАФСКИ ВИДИК при ОУ ,,Никола Карев,, - Кочани имаа несекојдневна настава. И тоа не било каква, туку настава во пазувите на Осоговските Планини. За 9 часа пешачење тие поминаа вкупно 27 км. на релација с.Полаки-Бабиште-Јастребник-Гратче-Кочани. При тоа посетија 2 училишта (за жал без ученици), преминаа 2 реки, имаа час по ориентација, а најмногу уживаа во есенските пејзажи кои може да ги наслика само мајката природа. Најчесто поставувано прашање беше: ,,КОГА ЌЕ ЈАДЕМЕ!,,


Monday, October 10, 2011





ПРИРОДНИ НАУКИ





Исто како и нивните претходници, учениците од петтите одделенија при ОУ,,Никола Карев,,- Кочани имаа интересна активност на часот по природни науки. Тие со своите вешти раце изработија модели на Земјата од кои јасно се гледа внатрешната градба на нашата планета.

Шестоодделенци пак, изработуваа макети на вулкани.

Така е кога си паметен.......ем си учиш.....ем се забавуваш ;)



Monday, August 29, 2011





ПРВ РУДАРСКИ МАРШ

Во чест на денот на рударите, вчера 28.08.2011година, членовите на ПАОК ,,Осогово,, -Кочани имаа уште една интересна и несекојдневна активност. Имено, тие беа учесници во првиот рударски марш што го организираа планинарските клубови од Пробиштип и Крива Паланка. Во маршот учествуваа педесетина планинари од 6 клубови од Осоговскиот регион. Тие појдувајќи од рудникот кај село Добрево (Пробиштип) ја поминаа патеката по која некогаш се движеле рударите од Пробиштип и Крива Паланка. За да ја совладаат должината од околу 30 км на учесниците во маршот им требаа околу 8 часа активно пешачење. Движењето беше бавно бидејќи патеката имаше неколку делници со поголема стрмнина и тоа при спуштањето, што претставува голем напор за зглобовите и бара зголемена претпазливост. Крајната дестинација на маршот беше селото Мождивњак, каде учесниците во маршот можеа да го видат и стариот ан во кој рударите преноќувале. Средбата заврши со заедничи ручек во Крива Паланка, каде на сите присутни им се обрати градоначалникот на општина Крива Паланка и им подели маици и благодарници.
На овој начин, Кочанските планинари уште еднаш покажаа почит кон македонските празници и се приклучија кон нивно обележување. Фактот што денот на планинарите се совпаѓа и со големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица, само придонесе честа и задоволството да бидат двојно поголеми.




Monday, August 01, 2011





НА ПОКРИВОТ НА БАЛКАНОТ !

Изминатиов викенд, членовите на ПАОК ,,Осогово,, - Кочани ни приредија уште едно пријатно изненадување. Во чест на големиот македонски празник Илинден, тие се искачија на врвот Мусала 2925м. кој е највисок планински врв на Балканскиот Полусотров.
Кочанчани на Рила пристигнаа во саботата на 30.07.2011година во познатиот ски центар Боровец, на 1315 метри надморска височина. Беа стационирани на врвот Јастребец (2369м.) до кој што стигнаа со жичара. Првиот ден временските услови беа доста остри проследени со густа магла и силен ветер.
Неделата осамна во сосема поинакви услови, кои ветуваа успешен марш и многу фотографии. Должината на патеката е вкупно 15км, но она што ја вбројува во поопасните планинарски патеки на Балканот не се километрите туку големата стрмнина и карпестиот и лизгав терен. За среќа целиот марш помина во најдобар ред и целта во секој поглед беше постигната.На врвот имаше само мал број планинари кои пристигнале пред екипата од Кочани на која и требаа само околу два и пол часа да се искачи на покривот на Балканскиот полуостров. Во текот на денот врвот го освоија околу 1000 планинари од повеќе земји, но кочанчани беа единствените претставници од Македонија.
За обележување е фактот дека планинарството во другите земји има богата и долга традиција што беше потврдено од големиот број на планинари кои се искачуваа на врвот заедно со своите семејства, вклучувајќи ги и децата од најмала возраст, па дури и своите куќни миленичиња.


СЛИКИ и ВИДЕО

Sunday, July 10, 2011


Кочанчани на Руен

Планинарите од ПАОК ,,Осогово,, - Кочани на свој начин се приклучија на прославата на празникот на градот, Петровден.
Вкупно 25 наши сограѓани во утринските часови во неделата на 10.07.2011година се упатија кон највисоката точка на Осоговските планини. Иако со своите 2252м. врвот Руен е исто така и највисок планински врв во источниот дел на Р.Македонија, за расположената експедиција беше ,,лесен плен,, а планинарскиот марш обична прошетка. За поздравување е фактот што освен планинарите од клубот во групата имаше и десетина ентузијасти, љубители на природата. Исто така радува и фактот што сите беа на возраст од 25-30 години. На врвот можеа да се сретнат и планинари од Штип, Делчево, како и неколку групи од соседна Бугарија. ,,На овој начин сакаме да им покажеме на сите дека планинарството не е спорт за занемарување и дека и ние можеме да дадеме свој белег на празнувањето на градот. Се надеваме дека во иднина ќе имаме подобра соработка со локалните власти и дека ќе ни бидат овозможени барем елементарни услови за работа, што секако ќе резултира со поквалитетни и помасовни акции,, изјави Сашко Стефановски, секретар на клубот.

Фотографии или ВИДЕО